Мрежниот администратор, познат како систем администратор, LAN администратор, администратор на информатички системи, аналитичар за мрежни операции, мрежен техничар или помлад мрежен инжинер, е IT професионалец кој работи со PC-јата и LAN мрежата во една организација. Неговата работа вклучува внесување на нова опрема и превземање корективни и превентивни мерки кај постоечката опрема којашто е во употреба.
Обврските на мрежниот администратор, којшто како професионалец е потребен секаде каде што има мрежно поврзување, подразбираат инсталирање, конфигурирање и одржување на PC-ја, мрежна опрема и мрежни оперативни системи. Исто така, мрежниот администратор треба да работи со patching системи онаму каде што е потребно, како и со обезбедување и заклучување на системите кон коишто има пристап само авторизираниот персонал. За да бидете добар во оваа професија неопходно е да имате солидно познавање од мрежни оперативни системи, мрежна опрема и мрежни протоколи, и основно познавање во програмирање на скрипти и bat фајлови. Со оглед на тоа што мрежниот администратор мора да ги разбере мрежните потреби и проблемите на корисниците, и на истите мора да одговори навремено, од него се бара да поседува и интерперсонални вештини. И секако, тој мора да е добар во документирањето на мрежата и да е стручен при решавањето на проблемите коишто најчесто создаваат напната атмосфера за работа. Еден мрежен администратор треба да знае кога да се откаже од идеjата дека ќе го реши проблемот и да побара помош од надвор.
Вие може да станете мрежен администратор доколку имате универзитетска диплома од компјутерски науки или компјутерско инжинерство, или пак имате диплома од вишо образование од некој локален технички институт. Меѓутоа, некои мрежни администратори се стручни и успешни во ова поле и без ваков тип на образование. Во секој случај, се препорачува да имате поминато низ некој тип на обука и сертифицирање за еден или повеќе мрежни оперативни системи. Од голема важност е да сте претпазливи во работата и да имате способност да ги предвидите сите можни сценарија. Вие, исто така, треба да им обезбедите помош при промени и надоградувања на системот.
Од мрежен администратор може да преминете во мрежен или систем инжинер, а потоа доколку поседувате одлични комуникациски и интерперсонални вештини, може да превземете менаџерска улога.
Платата зависи од вештините коишто ги поседувате, од вашето искуство и местото кадешто работите. Сепак еден искусен мрежен администратор може да достигне и плата од околу $50,000 USD.
|