На 29 март 2005 Академијата на ИТ ја посетија два високи функционера на компанијата Cisco Systems: Николај Санду, менаџер на Cisco одговорен за Академиите на територија на Југоисточна Европа и Русија и Валентина Миленковиќ, менаџер на Cisco, одговорна за територијата на бившите југословенски републики. На гостите им беше презентирана наставна програма на Академијата на ИТ во која се вградени и курсевите на Cisco. Нивната посета ја искористивме да разговараме за работи кои се интересни и за идните студенти.
Прашање: Со студиите кои ги организира, Александрија прави пионерски чекор. Некои родителите се малку скептични бидејќи не се работи за академски туку за професионални студии. Што би им препорачале? Каква перспектива имаат студентите?
Николај: Моја лична препорака за студентите и за родителите е веднаш да се пријават за ваква обука. Луѓето имаат погрешни сфаќања кога се работи за признавањето на овие дипломи. Сите сертификати се официјално признати низ целиот свет од страна на најважниот играч - работодавците, индустријата. Она што го правите овде, а би сакал да ви се честитам за одличната работа што ја правите, е индустриски стандардизирана обука за сертифицирање. Ова, по мое мислење, нема за цел да го замени постоечкото традиционалното образование, туку е дополнение на едно такво образование за студентот. Она што Cisco го нуди е индустриски стандардизираната обука која им овозможува на студентите да стекнат практични знаења. Тоа се знаења коишто ќе им овозможат да најдат солидна работа. Кога сте помлади и барате работа, ќе ви речат: “Во ред, добри сте, имате одлични оцени, ви честитаме, но она што ви недостасува е пракса”. И секако студентите немаат пракса, бидејќи тие штотуку завршиле. Каде да ги стекнат тие практични знаења? На места каква што е вашата академија, каде што тие ќе поминат дури 50% од времето во лабораторија вежбајќи и тестирајќи си ги вештините! Затоа ова е моја препопрака - Студенти, одете веднаш и запишете се на овие студии, бидејќи интернетот е насекаде, се е поврзано, мрежите се насекаде и затоа мора да сте квалификувани.
Прашање: Cisco има свој “систем” кој ги спојува студентите со работодавците. Колку тој систем функционира овде во Македонија?
Валентина: Да, постои career connection веб сајт каде што секој студент кој ќе заврши дипломира на Cisco Networking Академијата може да се пријави и да конкурира за било која работа. Но, тој е претежно направен значи за американскиот пазар. Што се однесува до Македонија и тука планираме да направиме специфични акции каде што ќе насочиме точно одредени работодавачи кои можат да обезбедат работа. На пример, овде постојат повеќе Cisco партнери кои соработуваат со нашата фирма и кои сакаат да вработат млади луѓе, стручни луѓе кои имаат практично знаење кое им го овозможува академијата. Исто така постојат големи државни фирми како што се Телеком или некои други кои постојано имаат потреба, за нови и сертифицирани луѓе и ние планираме да направиме локална база на студенти кои ќе ја завршат Академијата, да ги собереме нивните CV-ja и така тие да им бидат достапни на сите работодавачи кои се заинтeресирани за вработување на млади луѓе од областа на мрежната технологија.
Прашање: Како менаџер на Cisco одговорна сте за сите академии на територија која ги покрива бившите југословенски републики и имате увид во нивната работа. Како ја оценувате досегашната работа на нашата Академија?
Валентина: Македонија влезе во програмот нешто подоцна. Програмата започна во 1997 година во Америка, 1998 почна да функционира во Европа, а во Македонија пред една или две години. Програмата првенствено беше наменета на универзитетите, но потоа тука се појави Александрија како еден eдукативен центар, во кој има доволно потенцијал, млади луѓе и инструктори и воља да се примени овој наш програм и она што јас го забележав е дека овде се напредува со големи чекори па така целото она време кое Македонија го има пропуштено и со кое касни во програмата на Вашата Академија се надокнадува со една квалитетна, добра и брза работа.
Тоа што го погледнавме заедно се резултатите од тестовите. Како што знаете, самиот програм овозможува да се споредат резултатите на една Академија со просекот во целиот свет и забележав дека во вашата Академија просекот на тестовите на крајот е над 90% што е извонреден резултат, што значи дека е во прашање многу квалитетна настава, што значи дека се во прашање вистински студенти кои имаат желба и идни професионалци во областа на компјутерските мрежи. Затоа мислам дека е ова вистинско место за нив.
|